Општи информации

Прилеп е еден од поголемите градови во Македонија, кој наликува на едно помало забаталено село од Тексас само без нафтени полиња, шешири Стетсон, и ликови како од филм на сестри браќа Коен кои џвакаат тутун. Кога сме кај тутунот главна земјоделска дејност во селото градот е токму обработување на ориентален тутун кој е нашироко познат низ целиот свет (c.c.a 50 души агрономи низ целиот свет). Од тие причини прилепските новинарските дописници со длабока проникливост уште го нарекуваат и градот на “жолтото отров злато” или уште градот под “Марковите Кули” како парадигма на купишта камења над населбата Варош, кои варошани со гордост кажуваат дека е тоа вистинскиот град. Крал Марко бил турски вазал кои не бил толку душмански расположен кој рајата која се виткала на тутуновите насади и затоа му испеале песни за неговата храброст, коњот Шарац, а богами и количината на вино што можел да ја конзумира за време на ручек. Злите јазици од останатите градови низ Македонија ќе кажат дека поговорката “Пола пије, пола Шарцу даје” е токму излезена од тоа како Крал Марко пола од пиењето го фрлал и со тоа сакаат да ја намалат неговата вредност и потентност за конзумација на алкохол како синоним на вистински балкански маж.

 

Реткости во Прилеп

  • Во Прилеп е најфинот бел мермер во светот кој е употребен за пиедесталот на Статуата на Слободата, Белата Куќа во Вашингтон и најинтересно за вас е тоа што најверојатно Моника Левински имала модри колена токму од клечење на тој прилепски мермер. (Да ве предупредиме дека можи да си закачите спондилози, рак, сида, дискус хернија и останати болести ако седите доволно долго на мермерот без дипле или сунгер)
  • Македонскиот рубин е полудраг камен (Корунд), легендата вели дека само вработените во Мермерниот Комбинат го најдуваат и го продаваат на црн пазар за накит и сл.
  • Саат Кулата во Прилеп е за една година постара од лондонскиот Биг Бен и изгледа малку како кулата во Пиза.
  • Музеј на тутун, единствен на Балканот со уникатни примероци, вреди да се појди ако сте во тие 50 души во светот што гио интересираат лули и табакери.

 

Конекција

Автобуските линии на Транскоп, Пелагонија Транспорт и останатите превозници оперираат секојдневно со неколку линии. (Адреса: бул.Гоце Делчев 79, тел: 048-400-307)

Исто така Прилеп е поврзан и со воз кој оперираат неколку пати дневно со крајни дестинации за Скопје и Битола, се случува да има и застој и каснење па дополнително инфо не е на одмет . (Адреса: Архиепископ Доситеј б.б, тел: 048-520-705)

Како да се види

Пешки освен ако немате некакви недостатоци што ќе ви овозможат движење како немање нозе, имате лапнато ејсид пред пола саат или пак сте пијан ѓон.

Ако сте еден од погорните случаеви тогаш имате и градски превоз кој е сокор џабе со цените. www.gradskiprevozprilep.com

Во случај ептен да ве мрзи или се брзате има и еден куп такси компании, дивите таксисти се сместени пред стара автобуска станица, така што се останато функционира по фер цена, така што ќе би наброиме само две компании засега. 048 15 95 – Такси Дени, 048 15 78 Такси Милениум

Места за посета

  • Саат Кула во Прилеп е изградена во 1858 и како што има и погоре нека ви биде еден репер каде се наоѓа центарот на градот ако се изгубите во градот што ако не сте дете од 3-4 години ќе ви биде уметност.
  • Чаршиската Џамија во Прилеп е изградена 1475, и е единствена со две минариња во цела Европа, во 2001 е запалена како мировна порака за рисјанската толерантност до нашите браќа од муслиманска верпоисповед кои живеат во оваа држава.
  • Маркови Кули– На 30тина минуити пешачење од Варош (градот во Прилеп) се најдуваат тврдините кои се разрушени и потекнуваат од времето на Крал Марко и неговиот татко Волкашин што ги спомнавме во увертирата на оваа статија. Остатоците на тврдината датираат од 10 до 14 век и исто можат да се видат и од патеката покрај манастирот Архангел. На почетокот може да се забележи и карпата Слон како своеврсна карпеста уметност која што ја има во изобилие во овој предел. Лично од редакцијата мислиме дека тоа не е ниту случајност, ниту пак коинциденција бидејќи од спротивната страна на градот се наоѓа карпата “Момата” туку тие се остатоци од древните вонземљани кои оставиле траги во овој древен град. (Гледај Ancient Aliens до кај трета сезона) Тоа што Слонот и Момата се најдуваат од спротивните страни на градот е останато во традиција и до ден денес, така што во прилепско друштво најчесто ќе забележите дека “Момите” и “Слоновите” се поделени и се најдуваат на спротивните страни од масата додека седат во ресторан.
  • Манастир Архангел Михаел (Варош)– Со црквата изградена во 12 век и целиот манастир околу 10 век со поставените фрески на Волкашин и Марко местоположбата како срасната со карпа нема што да кажеме нешто паметно за црквата.Куриозитет е дека во црквата има мошти од Св. Козма и Дамјан и на денот на празникот се изнесуваат да се направи бдеење. Моментално во манастирот е монашкото сестринство кое што е сместено и посети се дозволени до зајдисонце, додека манастирот се отвора на изгрејсонце. Во комплексот на манастирот има и мала продавничка за дарови каде што можат да се најдат рачно изработени производи од сестринството по пристапни цени. Ние од редакцијата го посетивме манастирот навечер со надеж дека ќе забележиме луксузни коли и луѓе кои излегуваат со качулки и кажуваат лозинка за да влезат во манастирот каде што има некакви сеанси, оргии и сл. како во “Очи Широко Затворени” од Кјубрик, но освен попатно по патот што начекавме тинејџери кои уживаа во младоста со Југо не беше забележано ништо на наше големо разочарување.
  • Црква Св. Никола– На пат кон манастирот Архангел Михаел се најдува една од најинтересните цркви во овој регион која датира од 1299, ништо посебно.
  • Мермерно Езеро (Македонското Памук Кале)– Изградено ненамерно во 21 век од експлоататори на камен и екслузивно пронајдено од градоначалниокот на градот ова езеро преставува своеврсна парадигма како може во недостаток на вести едно збирштина на камења и вода со сомнителен квалитет да стане некаква атракција. Сепак за сите љубители на турски серии, екслузивитет и чекирање на фејсбук да споменеме дека истот е лоцирано на патот за Беловодица.
  • Црква Св. Атанас– куп камења пред манастирот Архангел Михаел
  • Паркот на Револуцијата – На влезот е поставена Могилата на непобедените и имаш чуство како да влегуваш во гробишта на помен.Во централниот дел на паркот кој ги преставуваат републиките и покраините на една поранешна држава Југославија која најчето се споменува после трета ракија во кафана на поранешни стечајни работници, сега вработени во приватната фирма кај поранешниот директор кој го мразат од дното на душата за време на новогодишна собиранка.
  • Музеј на тутун – Сместен во институтот за тутун се најдува овој музеј кој е единствен на балканскиот полуостров со голема лепеза на лули, табакери, литература и се останато поврзано со тутунот. Неопходно е претходна најава кај надлежните во институтот за негова посета. (Препарачано за вистински љубители на вакво нешто) (www.tip.edu.mk)

 

Што да правам

Настани

  • Пеце АтанасовскиИнтернационален фестивал на фолк и фолклорни инструменти кој се одржува во село Долнени оддалечено 15 км од Прилеп во Мај или Јуни. Од редакцијата ќе кажеме дека нема да се воодушевите освен ако не го слушате Ферус во теретана додека правите кардио вежби.
  • Џез Викенд – последна недела во Август во летната сцена на домот на култура “Марко Цепенков”. Навистина дури и нашиот префинет вкус нема забелешка на оваа манифестација за која не важи мотото “Колку пари, толку музика”, бидејќи влезот за овој фестивал барем во претходните години на постоењето беше бесплатен. (prilepjazz.mk )
  • Пиво Фестивал – три дневен фестивал во Јули за пивото и најмасовна манифестација во Прилеп. Не јадете од тоа скарите по штандовите варем, ако не можете да се воздржите да не каснете нешто. Четвроток е некој ден кога може да се посети и растеретен од гужва, додека онака ве интересира бихевиоризмот може да дојдете во сабота и ги видете анамалистичкито однесување на толпата, каде што се докажува дека човекот е настанат од примат кои се црвени од срам во моментот додека го куцаме ова. (pivofestival.mk)
  • Меѓународен карневал Прочка – Фебруари или Март во зависност од празникот Поклади. Легендата вели дека еден саат за време на фестивалот било ведро небото и луѓето си поминале супер, во спротивно земете си чадор или пак седете дома. (karnevalprilep.mk)
  • Театарски Фестивал Војдан Чернодрински– првата недела од Јуни. Редакцијата препорачува да си набивите карти на време ако има подобри престави.(mtf.com.mk)
  • Ликовна Колонија Дрен– Јуни или Јули сместена во прекрасниот манастир “Св. Илија” над селото Дрен. Ако сте поклоник на ваков вид на уметност ние ви ја препорачуваме топло оваа колонија. Нормално дека треба да имате дома Лада Нива или Тенк од советско производство за да појдете до неа.

 

Активен Туризам

  • Дервенска Тура – Маратон во планински велосипедизам вдолж падините на превојот Дервен кој се одржува во Мај. Лани беше на гаге се’ и како докажани хибриди на Власи и Евреи ние од редакцијата ви ја препорачуваме.
  • Крали Марко Треил –интернационален натпревар во планинско трчање кој го опфаќа поголемиот дел од околината на Прилеп веќе етаблиран на светската мапа на планинско трчање. Редакцијата беше, се попули малку, не најде забелешки и си замина разочарано заради тоа. (kmt.mk )
  • МТБ Маратон Преку Слива – Октомври е месецот предвиден за овој маратон во планински велосипедизам кој се одржува кон превојот Слива со посета на археолошки локалитети. Вредно е да се спомене дека кај Драган во Подмол во кооперацијата има поладно пиво од пола кафулиња во град Прилеп.
  • Момата Рок Треил– натпревар во планинско трчање во пазувите на Селечка баш кај карпата Момата што ја спомнавме претходно. За разлика од КМТ ова е само загревање.
  • Параглајдинг натпревар Прилеп Опен – Натпревар во прецизно слетување кој се одржува во околината на манастирот Трескавец во Октомври.
  • Крали Марко Болдеринг– Натпревар во болдеринг во организација на К.К Златоврв, Македонската Болдер Асоцијација и Локалната Самоуправа последниот викенд во Март. Ако има странци нешто и забава во кампот земете си сендвич со вас и пијачка оти има само зелки и моркови на репертоарот за јадење и се пие само домашна ракија.
  • Мотокрос Прилеп– Октомври е месецот предвиден за интернационалниот мотокрос натпревар кој се одржуваат во близина на Прилеп на стазата во Лагово. Слично како и погоре сендвиче од дома, овие не се вегетарјанци, ама подвижните сендвичари таму го трошат месото од стоковите резерви на Наполеон.
  • Планинарски Марш Акула– Во организација на М.З. Варош се одржува традиционален марш до манастирот Трескавец кој се одржува секоја прва Недела во Новата Година. Гаге е, има ручек.
  • Прв Поштенски Маратон– Логички тоа го гризнавме дека го организира Македонски Пошти, ама нас на редакцијата што ни бодеше очи што и кога се организираше по втор пат се викаше прв поштенски маратон и зошто не трчаа поштари. После ни беше објаснато дека прв се вика од причина што досега не му текнало на ниту еден во светот да организира поштенски маратон финансиран од пошти, додека не трчаат поштари оти ако трчале после ќе го разносувале писмата побрзо и ќе имале време за во кафана да си поседат и да се запиваат и така се одлучиле засега да трчаат атлетичари, додека ако се организира маратон во споро одење да се фоксираат на поштари…Во Октомври да не ја тупиме многу.
  • Планинарски Марш Музичарот– Во организација на П.Д Картуш со патека од Плетвар до Селце во подножјето на Селечка во Јуни се одржува овој планинарски марш со голема масовност. Гаге е, има ручек и убав поглед.

 

Купи

  • Прилеп Инфо – Сувенир продавница сместена во центарот на градот веднаш до рекламното пано на градот каде што можат да се купат разни сувенири со мотиви од градот.
  • Томе Петрески – Гајда или кавал на еден од најпознатите изработувачи во светски рамки, вас ви кажуваме неколку гајдари во сцетот.

 

Храна

Прилеп е познат по добрата скара и ширден, но исто така има и многу мали пекари кои продаваат секакво бело пециво, како и пицерии со сомнителен солиден квалитет. Подолу само препорака на дел од

  • Пивница Кај Кумата – Типична пивница, колбасот, урнебесот , луто ќофте и биено на скара нема што да се згреши…После седенка во пивницата ставете ги алиштата на вриење ако не сакате да мирисате на уличен готвач од Индија. (Адреса:Републиканска б.б, тел: 048-415-088)
  • Сендичара “Каспер” – Веднаш до градскиот саат, што и да погодите од менито ќе се најадите за да ве држи, освен нормално тост и хот дог. Наша препорака е пилешкиот со сланинка. (Адреса:Тодор Паница 30, тел: 048-415-319)
  • Пицерија “Леоне” – Лоцирана по булеварот Александар Македонски нуди пици, пасти и останати производи генерално од италијанска кујна со избор на алкохолни и безалкохолни пијалоци. Непрепорачливо за луѓе кои имаат проблем со клаустрофобија, ракометари, кошаркари, луѓе со проблем со хипофизата и строго препорачливи за хобити. (Адреса:Гоце Делчев б.б, тел: 048-418-282)
  • Пекара “Алекс” – Новоотворена пекара 24/7 наспроти поштата во Прилеп со разни варијации на бело пециво. Онака саато е 2, запијан си, ништо не работи, колку да се стави нешто во желудник (Адреса:Марксова 44, тел: 048-403-050)
  • Бар “Аура” –Нема најадувачка некоја, ама излегуваш на прв дејт со некоја хипиатеобудистичка девојка и можи да се фасцинира на твојот вкус на избор на храна, кога ќе порачаш нешто јади и не коментирај оти не е солено. (Адреса: Васко Карангалески 1, локал. 2, тел: 076-477-401)

 

 

Пијачка

Прилеп изобилува со места за седење и кафе кој генерално орбитрираат околу градскиот саат и старата чаршија, а богами и пошироко.

  • Џез Клуб Тејк Фајв – Локација во старата чаршија, место со рустичен амбиент и џез музика кое преку денот е место за кафе-муабет, додека во викенди после 21 часот функционира како ноќен клуб со рок и џез свирки. Редакцијата вика ако дојде некој попознат бенд да си резервирате маса пред една недела или пак фатете некое место до шанк. (Адреса: Илинденска 47, тел: 048-404-010)
  • Арт Кафе “Апореа” – Фенси место за урбани дечки кое има одлично кафе и голем асортиман на коктели и здрави пијалоци, во викенди навечер функционира како ноќен клуб најчесто со гостин Ди Џеј и актуелни хитови. Онака досадно до посер, може да се прекрсти слободно во “Стереотип”Локацијата е во склоп на Домот на Културата Марко Цепенков (Адреса: Гоце Делчев б.б, тел: 076-601-396)
  • Клуб “Калипсо” – Најголемиот клуб во градот лоциран централно зад салонот од T-Home најчесто функционира како ноќен клуб за време на викенди, често има и жива свирка со турбо поп музичари од соседните земји. Редакцијата го нема посетено, а има намера да отиде летово со маичка од Педо Беар. (Адреса: Орде Тутески 3, тел: 070-700-241)
  • Бар “Ретро” – Интересно клубче со интересен интериер кое што е лоцирано во населбата Точила и генерално добро функционира за време на викенди. Најчесто Рок музика со инцидентни живи свирка за време на викенди. Арно е, малку се поефтини од другите ама кога ќе пресметаш гориво за колата освен ако не живееш во тој дел од градот исто идат.(Адреса:Точила, тел: 075-799-732)

 

 

Сместување

Прилеп изобилува со места за седење и кафе кој генерално орбитрираат околу градскиот саат и старата чаршија.

  • Хотел Кристал Палас – Локација во близина на автобуската станица, солидни соби со стандардни цени за хотелско сместување. За време на викенд знае да има свадба.. (kp.mk )
  • Пансион “Бреза –Исто како погоре, само поефтино. (breza.com.mk)
  • Хотел “Салида” – Исто како првото само што има два хотели (www.hotelsalida.com.mk)
  • Хотел “Атлас” –Исто како првото и третото само што е новцат, во строг центар и ресторанот е океј со погледот. (atlasinvest.com.mk)
  • Хотел “Сонце” –Како претходните, само постар хотел, има преку лето и мал базент.( booking.com/hotel/mk/sonce-ga.html)

 

Издавање на автомобил

  • Рент а Кар Астра – Во склоп со Пансионот Бреза функционира и компанијата за издавање на возила со различен избор на модели на автомобили. Искрено редакцијата нема идеја зошто би ви било рент а кар возило, ама да ве изформираме. (breza.com.mk)

Безбедност

Освен ако ве клукни змија додека се качувате по карпи, или магаре да ве чукни додека возите МТБ низ селата, трета работа од што може да настрадате е да ви го дигнат кесето од пазар во среда или сабота за време на гужвата ако го чувате во задниот џеб како пензионер.

 

Околина на Прилеп

  • Манастир Трескавец– Изграден во 14 век и со потекло како светилиште кое датира многу поодамна Трескавец е дестинација која би требало да ја земете во предвид. Ако нешто се во филм на псевдо интелектуалец поразговарајте со Отец Калис кој ќе ви каже нешто за историјата на манастирот. Пешки се стигнува за околу 2 часа, додека со автомобил за 20тина минути.
  • Манастир Зрзе– На патот од Прилеп кон Македонски Брод во селото Ропотово се врти десно за селото Костинци и потоа се исклучува лево кон селото Зрзе, за да се продолжи уште неколку километри по асфалтиран пат и дојде до манастирот во село Зрзе кој моментално го раководи монашкото братство. Манастирот датира од 14 век, меѓутоа во склоп на манастирот има ранохристијанска базилика која датира од многу поодамна. Куриозитет на овој манастир е тоа што таму е единствената икона каде што Богородица е преставена од  десна страна на Исус Христос. Убав поглед од терасата, ќе ве почестат со чај и редакцијата топло препорачува. Слично како и во Св. Архангел Михаел не се забележани никакви активности од типот на ритуали и оргии.
  • Манастир Св. Ѓорѓија (Дервен)– На околу 11 километри по стариот пат за Велес е лоциран овој манастир каде што се гледа вештачкото езеро и градот од малку поинаква перспектива. За напомена е што во овој манастир има можност да се преспие скоро за гаге (50 ден.) и ако сте шворц изгледа идеално.

 

 

 

 

Leave your comment